Говор на сојузниот канцелар Олаф Шолц 
на Карловиот универзитет во Прага
29 август 2022 г. во 11:02 часот

  • Federal Chancellor
  • Olaf Scholz

  • News

  • Chancellery

  • Service

Почитувана госпоѓо ректор професорке Краличкова,
почитувани дами и господа проректори и членови на факултетите,
почитуван господине министер Бек,
Екселенции,
драги студентки и студенти,
дами и господа!

Срдечно благодарам за љубезната покана! Ми претставува голема чест на ова историско место - така речи пред основачот на оваа почесна институција - да зборувам пред Вас за иднината, за нашата иднина, која за мене може да се поврзе со еден збор: Европа.

Веројатно нема посоодветно место за тоа од градот Прага, од овој универзитет со неговото речиси 700-годишно наследство. „Ad fontes“, што значи кон изворите, така гласеше повикот на големите хуманисти на европската ренесанса. Патот на тој што ќе тргне кон изворите на Европа неизбежно води тука, кон овој град, чиишто наследство и лик се толку европски како на ретко кој друг град од нашиот континент. Тоа веднаш му станува јасно на секој американски или кинески турист, кој преку Карловиот мост се движи нагоре кон тврдината. Затоа сте овде, бидејќи во овој град, меѓу неговите средновековни тврдини и мостови, католички, протестантски и еврејски молитвени храмови и гробишта, готски катедрали и палати во југендстил, стаклени висококатници и сокаци со куќи од чатма, во мешавината на јазици на стариот град, се наоѓа тоа што ја чини Европа: најголемата можна разноликост на најмал простор.

Ако Прага е Европа во мало, тогаш Карловиот универзитет е нешто како хроничар на нашата европска историја, толку богата со светлина и сенки. Не би можел да кажам дали нејзиниот основач царот Карло IV и самиот се поимал како Европеец. Неговата биографија покажува: роден со старото бохемско име „Вацлав“, образован во Болоња и Париз, син на владател од династијата Луксембург и на припадничка на Хабсбург, германски кајзер, крал на Бохемија и на Италија. Фактот дека Бохемци, Полјаци, Баварци и Саксонци ги завршиле своите основни студии на „неговиот“ универзитет покрај студенти од Франција, Италија и Англија, се чини сосема разбирливо.

Но, бидејќи овој универзитет се наоѓа во Европа, тој ги пропати најголемите падови на европската историја: религиозната ревност, поделбата долж јазичните и културните граници, идеолошкото едноумие за време на диктатурите на 20. век. Германците го испишаа најмрачното поглавје: затворање на универзитетот од национал-социјалистичките окупатори, стрелање на студентите што протестираат, грабнување и убивање на илјадници припадници на универзитетот во германските концентрациони логори. Нас Германците овие злосторства нè исполнуваат со болка до денес и ние се срамиме од нив. Да се каже ова, тоа е исто така една од причините зошто сум овде, особено бидејќи често забораваме дека неслободата, страдањето и диктатурата за многу граѓани и граѓанки на Средна Европа не завршија со германската окупација и со уништувањата на Втората светска војна.

Еден од многубројните големи интелектуалци кои ги даде овој универзитет, нè потсети на тоа уште во времето на Студената војна. Во 1983 година Милан Кундера ја опишува „трагедијата на Средна Европа“, имено како Полјаците, Чесите, Словаците, жителите на балтичките земји, Унгарците, Романците, Бугарите и Југословените по Втората светска војна се „разбудиле (...) и констатирале дека се наоѓаат на Исток“, дека „исчезнале од картата на Западот.“ И со ова наследство се справуваме, особено тие од нас кои се наоѓаа на западната страна на Железната завеса, не само бидејќи ова наследство е дел од европската историја, а со тоа и од нашата заедничка историја како Европејци и Европејки, туку и поради искуството на граѓаните и граѓанките на Средна и Источна Европа  -  чувството, да се биде заборавен и предаден зад Железната завеса – е присутно до денес, впрочем и во дебатите за нашата иднина, за Европа.

Овие денови одново се поставува прашањето за тоа каде ќе минува во иднина демаркационата линија меѓу оваа слободна Европа и неоимперијалната автократија. Го искористив зборот пресврт по рускиот напад врз Украина во февруари. Русија на Путин сака да повлече нови граници со насилство – нешто што ние во Европа не сакавме никогаш повторно да го доживееме. Бруталниот напад врз Украина претставува напад и врз европскиот безбедносен поредок. Со сета решителност се спротивставуваме на тоа. Потребна ни е сопствената сила - како поединечни држави, во сојуз со нашите трансатлантски партнери, но и како Европска Унија.

Оваа обединета Европа се роди како мировен проект насочен кон себе. Целта беше никогаш повторно да нема војна меѓу нејзините земји-членки. Денес е на нас да продолжиме да го развиваме ова ветување за мир, со тоа што Европската Унија ќе ја поставиме во ситуација да може да ги сочува нејзината безбедност, нејзината независност и нејзината стабилност и во однос на предизвиците од надворешни страни. Ова е новата мировна задача на Европа, дами и господа. Тоа е она што го очекуваат повеќето граѓани и граѓанки на Европа и тоа и на Запад и на Исток на нашиот континент.
 
Оттука, претставува добра среќа што претседателството со Советот на Европската Унија во овие времиња е кај Чешката Република, која многу одамна ја препозна важноста на оваа задача и која Европа ја води во вистинската насока. Чешка ја ужива целата поддршка од Германија за ова и се радувам на соработката со премиерот Фиала во пронаоѓањето на вистинските европски одговори во однос на пресвртот.

Првиот одговор гласи: не го прифаќаме рускиот напад врз мирот во Европа. Нема едноставно да гледаме како се убиваат жени, мажи и деца, како се бришат слободни држави од картата и како исчезнуваат зад ѕидови или железни завеси. Не сакаме да се вратиме назад во 19 или 20 век, со неговите освојувачки војни и тоталитарни ексцесии.

Нашата Европа е обединета во мир и слобода и отворена за сите европски нации што ги делат нашите вредности. Но, пред сè, таа е активно отфрлање на империјализмот и автократијата. Европската Унија не функционира преку надреденост и подреденост, туку со признавање на различноста, на исто рамниште меѓу нејзините земји-членки, преку плуралност и балансирање на различните интереси.

Токму оваа обединета Европа му е трн во окото на Путин, бидејќи не се вклопува во неговиот светоглед, во кој помалите земји треба да се покорат на грст европски велесили. Дотолку поважно е што заедно ја браниме нашата идеја за Европа. Од тие причини ја поддржуваме нападнатата Украина: економски, финансиски, политички, хуманитарно и воено. Во однос на ова прашање Германија темелно го смени правецот. Ќе продолжиме со поддршката, доверливо и сè додека е потребно.

Ова се однесува на повторната изградба на уништената земја, што ќе биде напор за многу генерации. За тоа е потребна меѓународна координација и паметна, истрајна стратегија. Тоа ќе биде тема на експертската конференција, на која претседателката на Комисијата фон дер Лајен и јас ги каниме Украина и нејзините партнери од целиот свет на 25 октомври во Берлин. 

Следните недели и месеци Украина од нас ќе добие нови, високо модерни оружја, системи за воздушна одбрана и радарски системи или дронови за извидување. Само нашиот последен пакет за испорака на оружје има поголема вредност од 600 милиони евра. Нашата цел се модерни украински вооружени сили што ќе може трајно да ја бранат својата земја.

Сепак, сите ние не мора да го испорачуваме на Киев само тоа од коешто моментално можеме да се откажеме. И тука ни треба повеќе планирање и координација. Затоа заедно со Холандија започнавме иницијатива, со цел трајна и доверлива поделба на работата меѓу сите партнери на Украина. Можам да си замислам, на пример, Германија да преземе особена одговорност во создавањето на украинската артилерија и воздушната одбрана. Треба брзо да се договориме за ваков систем на координирана поддршка и со тоа трајно да ја поткрепиме нашата заложба за слободна и независна Украина, исто онака како што сложно кажавме „да“ за време на Европскиот совет во јуни. Да, Украина, Република Молдавија, перспективно и Грузија и се разбира и шесте земји од Западен Балкан се дел од нас, од слободниот, демократски дел на Европа. Нивниот влез во ЕУ е во наш интерес.

Ова би можел да го објаснам демографски или економски, или во стилот на Милан Кундера културно, етички и морално. Сите овие причини се валидни. Тоа што денес е појасно од кога и да е, е геополитичката димензија на ова одлука. Реалната политика во 21 век не е ставање на вредностите на заден план и жртвување на партнерите во корист на лоши компромиси. Реалната политика мора да значи вклучување на пријателите и партнерите кои делат исти вредности, нивна поддршка, за преку соработката да се биде посилен во глобалната конкуренција. 

Така впрочем и го разбирам предлогот на Емануел Макрон за европска политичка заедница. Се разбира дека го имаме Советот на Европа, ОБСЕ, ОЕЦД, Источното партнерство, Европскиот економски простор и НАТО. Сите тие се важни форуми во кои ние Европејците тесно соработуваме и надвор од границите на ЕУ. Тоа што сепак недостига е редовна размена на политичко ниво, форум, во кој шефовите на држави и на влади на ЕУ и нашите европски партнери ќе разговараат еднаш или два пати годишно за централни теми што се важни за целиот континент: безбедност, енергија, клима или конективитет. 

Ваков еден сојуз – ова ми е особено важно – не е алтернатива за претстојното ЕУ-проширување: бидејќи им имаме дадено ветување на нашите кандидати за пристап – на земјите од Западен Балкан речиси уште пред 20 години – и сега по зборовите мора конечно да следат дела.

Многу луѓе со право изминатите години повикуваа на посилна, посуверена и геополитичка Европска Унија, на Унија која го знае своето место во историјата и географијата на овој континент и делува силно и сложно во светот. Историските одлуки од минатите месеци нè доближија до целта. Никогаш толку решително и брзо не сме изрекле толку далекусежни санкции против Путиновата Русија. Прифативме милиони жени, мажи и деца од Украина, кои бараа заштита кај нас без претходно вообичаените спорни дискусии. Особено Чешката Република и другите држави од Средна Европа докажаа дека имаат широко срце и голема солидарност. За тоа ја имате мојата најдлабока почит.

На зборот солидарност му дадовме нов живот и на друго поле. Соработуваме потесно и во сферата на снабдување со енергија. Само пред неколку недели усвоивме европски цели за заштеда на потрошувачката на гас. Двете нешта се суштински имајќи ја предвид зимата што доаѓа и особено Германија е благодарна за оваа солидарност.

Сите Вие знаете со колкава решителност Германија работи на тоа да ја намали својата зависност од снабдувањата со руска енергија. Градиме алтернативни капацитети за увоз на течен гас или земјена нафта, и тоа го правиме во духот на солидарноста имајќи ја предвид потребата на копнените земји како Чешката Република. Ова ветување му го дадов на премиерот Фиала за време на неговата посета во мај во Берлин, а оваа солидарност ќе ја потврдиме сигурно уште еднаш и на нашата денешна средба.

Затоа што притисокот за промена врз нас, Европејците и Европејките, ќе расте независно од руската војна и нејзините последици. Во свет со осум – во иднина можеби со десет – милијарди луѓе, секоја една од нашите европски национални држави е премала за сама да ги оствари своите интереси и вредности. Затоа за нас е уште поважно да создадеме Европска Унија што делува сложно.

Уште поважни се силните партнери, пред сè, Соединетите држави. Фактот што со претседателот Бајден во Белата куќа седи убеден трансатлантичар е среќна околност за сите нас. Изминатите месеци можевме да посведочиме каква незаменлива вредност има трансатлантското партнерство. НАТО денес е пообединето од кога и да е, политичките одлуки ги носиме во трансатлантска слога. Но, и покрај сè што претседателот Бајден направи за нашето партнерство, знаеме истовремено дека погледот на Вашингтон е посилно насочен кон конкуренцијата со Кина и азиско-пацифичкиот регион. Ова ќе биде случај и со идните американски влади, можеби дури уште повеќе.

Во еден мултиполарен свет, а тоа е светот на 21 век, не е доволно само да се негуваат постоечките партнерства, колку и тие да се вредни. Ќе инвестираме во нови партнерства, во Азија, Африка и Латинска Америка. Политичка и економска диверзификација, тоа е впрочем дел од одговорот на прашањето како да се однесуваме со светската сила Кина и со тријадата „партнери, конкуренти и ривали.“

Другиот дел од одговорот е дека мораме да го истакнеме уште посилно значењето на обединета Европа. Заедно ги имаме најдобрите шанси да го обликуваме и обележиме 21 век на наш, европски начин – како Европска Унија со 27, 30 или 36 држави со тогаш повеќе од 500 милиони слободни и еднакви граѓани и граѓанки, со најголем внатрешен пазар на светот, со водечки научни институции, иновации и иновативни претпријатија, со стабилни демократии, со социјална грижа и јавна инфраструктура, каква што нема друга на светот. Тоа е амбицијата што ја поврзувам со геополитичка Европа.

Искуството од минатите месеци покажува дека блокадите може да бидат надминати. Европските правила може да се променат, доколку е потребно и по брза постапка. И самите европски договори не се исклесани во камен. Ако заедно дојдеме до заклучокот дека договорите мора да се прилагодат за Европа да оди напред, тогаш треба да го направиме тоа.

Апстрактните дискусии за тоа никаде не нè водат. Многу е поважно да видиме што мора да се промени и потоа конкретно да се реши како ќе го направиме тоа. „Form follows function“ (формата ја следи функцијата). Ова мото на модерната архитектура итно припаѓа како начело и во европската политика. 

За мене е очигледно дека Германија треба да дава предлози и самата мора да направи нешто за тоа. Затоа сум тука, во главниот град на претседателството со Советот на ЕУ, за Вам и на нашите пријатели во Европа да Ви претставам некои од моите идеи за иднината на нашата Унија. Идеите се, да се знае, понуди, поттици за размислување – не се готови германски решенија.

Сметам дека германската одговорност за Европа е изнаоѓање на решенија заедно со нашите соседи, а потоа и заедничко одлучување. Не сакам ЕУ на ексклузивни клубови или директорати, туку ЕУ на рамноправни членки.

Изрично ќе додадам: тоа што ЕУ расте во правец на Исток, е придобивка за сите нас. Германија како земја во средината на континентот ќе направи сè за да ги поврзе Исток и Запад, Север и Југ во Европа.

Во овој контекст Ве замолувам да ги разберете следните четири размислувања.

Прво: се залагам за проширувањето на Европската Унија со државите од Западен Балкан, со Украина, Молдавија и перспективно и со Грузија.

Европска Унија со 30 или 36 држави ќе изгледа поинаку од нашата сегашна унија. Тоа е очигледно. Центарот на Европа се движи источно, би можело така да се каже ако се надоврземе на историчарот Карл Шлегел. Во оваа проширена Унија разликите меѓу земјите-членки ќе растат поради политичките интереси, економската сила или социјалните системи. Украина не е Луксембург, а Португалија гледа различно на предизвиците на светот од Северна Македонија.

Најпрво, од сите земји-кандидати се бара да ги исполнат пристапните критериуми. Во тоа ќе ги поддржиме најдобро што можеме. Но, и самата ЕУ мора да ја направиме подготвена за ова големо проширување. Ќе треба време, и затоа мора сега да почнеме со тоа. И кај досегашните рунди на проширувања, реформите во земјите за пристап одеа рака под рака со институционалните реформи внатре во ЕУ. Така ќе биде и овој пат. 

Не можеме да избегаме од оваа дебата – не ако сме сериозни со пристапната перспектива. Мора сериозно да ги сфатиме нашите ветувања за пристап. Бидејќи само така ќе постигнеме стабилност на нашиот континент. Затоа ајде да зборуваме за реформите.

Во Советот на ЕУ, на ниво на министерки и министри потребно е брзо и прагматично делување. Тоа мора да е загарантирано и во иднина. Таму каде што денес е потребна едногласност, ризикот една единствена земја со своето вето да ги спречува сите други да напредуваат, расте со секоја следна земја-членка. Кој мисли поинаку, тој ја порекува европската реалност.

Од тие причини, предложив во заедничката надворешна политика, но и во другите области како даночната политика, постепено да се премине кон донесување одлуки со мнозинство, знаејќи дека ова би влијаело и врз Германија. Мора да ни биде јасно: опстојувањето на принципот на едногласност функционира сè додека притисокот за дејствување е мал. Најдоцна со пресвртот тоа веќе не е случај.

Впрочем, алтернативата на носење одлуки со мнозинство не би било опстојувањето на статусот кво, туку одење напред во се поразлични групи, џунгла на различни правила и комплицирани „за или против“. Тоа не би била диференцирана интеграција, туку непрегледен хаос и покана до сите кои се против обединета геополитичка Европа и кои сакаат да нè свртат едни против други. Не би го сакал тоа!

Мојата заложба за донесување одлуки со мнозинство од време на време беше строго критикувана, и прилично добро можам да ги разберам грижите, особено на помалите земји-членки. И во иднина секоја земја мора да биде слушната со нејзините барања, сè друго би било предавство на европската идеја. И бидејќи сериозно ги сфаќам овие грижи, мојата порака е: ајде заедно да бараме компромиси! Би можел да си замислам, на пример, одлуки со мнозинство да почнеме да носиме прво во областите во кои е особено важно да зборуваме со еден глас: политиката на санкции, на пример или, пак, за прашањата за човекови права. Освен тоа, се залагам за храброст за конструктивна воздржаност. Тука гледам одговорност кај нас Германците и кај сите останати кои се убедени во одлуки што се носат со мнозинство. Ако оваа идеја ја делат многумина, тогаш јасно се приближуваме до геополитичка Европа способна за учество во светската политика.

И Европскиот Парламент нема да може да ги избегне реформите. Има добра причина зошто во договорите се предвидени најмногу 751 пратеник. Ќе ја надминеме оваа бројка кога ќе пристапат нови земји, особено тогаш кога Парламентот ќе треба да го прошириме едноставно за местата кои би им следувале на новите земји-членки согласно досегашните правила. Доколку не сакаме Европскиот парламент да стане преголем, тогаш потребен ни е нов баланс за новиот состав и тоа со почитување на демократскиот принцип, според кој секој глас на гласачите треба да има иста тежина.

И кај Европската Комисија станува збор за вистинскиот баланс меѓу репрезентацијата и функционалноста. Комисија со 30 или 36 комесари доаѓа до границите на својата способност за работење. Ако се држиме до тоа, дека секој/а комесар/ка  се одговорни за сопствено политичко поле, тогаш тоа ќе доведе до односи како кај Кафка – дозволете ми да се потсетиме на уште еден голем син на овој град.

Истовремено знам колку голема вредност полагаат сите земји-членки на тоа да бидат застапени во Брисел со „својот“ комесар или „својата“ комесарка. И тоа е важно бидејќи покажува дека во Брисел сите седат на маса. Сите одлучуваат заедно. Од тие причини не би сакал да го доведам во прашање начелото „една комесарка или еден комесар по земја“. Но што зборува против тоа два комисиски члена да се заедно надлежни за една генерална дирекција? Ова функционира секој ден ширум светот, не само кај фирмите и нивните различни органи што носат одлуки. Вакви решенија има и во владите на некои земји-членки, кога треба да бидат застапувани кон надворешна страна и при внатрешна поделба на надлежностите.

Да бараме такви решенија – за функционална Европа!

Втората мисла што сакам да ja споделам со Вас е поврзана со поим за кој често пати дискутиравме изминатите години: европскиот суверенитет. 

Притоа не зборувам за семантика. Во суштина, европскиот суверенитет значи да бидеме посамостојни во сите области, да преземаме повеќе одговорност за сопствената безбедност, да соработуваме повеќе и да сме посложни за да ги оствариме нашите вредности и интереси ширум светот.

На тоа не нè принудува само рускиот напад врз европскиот мировен поредок. Веќе ги спомнав зависностите во кои сме се впуштиле. Увозот на руска енергија е особено очигледен пример за тоа, но не и единствениот. Да ги земеме за пример проблемите во снабдувањето при испораката на полуспроводниците: ваквите еднострани зависности мора да ги отстраниме најбрзо што може!    

Својата благосостојба Европа ѝ ја должи на трговијата. Ова поле не смееме да го препуштиме на некој друг. Од тие причини ни се потребни понатамошни, одржливи договори за слободна трговија и амбициозна трговска агенда.

Кога зборуваме за снабдувањето со суровини или ретки метали, тогаш често мислиме, пред сè, на земјите на потекло што се далеку од Европа. Притоа често се превидува дека голем дел од литиумот, кобалтот, магнезиумот или никелот, од кои толку нужно зависат нашите фирми, ги има долго време кај нас во Европа. Во секој мобилен телефон, во секоја автомобилска батерија се кријат вредни суровини. Значи кога зборуваме за економски суверенитет, тогаш би требало да зборуваме и за тоа како уште повеќе да го искористиме овој потенцијал. Технологиите денес се веќе тука. Потребни ни се заеднички стратегии за влез во вистинска европска кружна економија – ќе го именувам тоа како стратешко актуелизирање на нашиот внатрешен пазар.

Економската независност не се вика автаркија. Тоа не може да биде целта на Европа, која секогаш профитирала од отворените пазари и трговијата и и понатаму профитира. Потребен ни е „game plan“ (план за игра), нешто како стратегија „Made in Europe 2030“ (направено во Европа 2030).

За мене тоа значи дека таму каде што Европа споредено со Силиконската долина, Шенжен, Сингапур или Токио, е зад нив, сакаме повторно да се вратиме на врвот.

Кај чиповите и полуспроводниците коишто се толку важни за нашата индустрија веќе има придвижување благодарение на вистинското европско залагање. Неодамна на пример, Интел најави инвестиции во милијарди во Франција, Полска, Германија, Ирска, Италија и Шпанија, огромен чекор кон новата генерација на „Microchips Made in Europe“ (микрочипови произведени во Европа). И тоа е само почеток: со претпријатија како Инфинеон, Бош, НХП или ГФ работиме на проекти што Европа технолошки ја водат кон врвот на светот.

Всушност нашaта амбиција нема да се ограничи на тоа во Европа да се произведуваат само нешта кои може да се произведуваат и на други места. Сакам Европа што ќе биде пионер за важни клучни технологии.

Да ја земеме за пример мобилноста на иднината. Податоците ќе имаат клучна улога – за автономното патување, вмрежувањето на различните превозни средства или кај интелигентното насочување на сообраќајните струи. Од тие причини потребен ни е што е можно побрзо унифициран, прекуграничен европски простор за мобилност на податоците. Во Германија почнавме со Mobility Data Space (простор за мобилни податоци). Да го поврземе со цела Европа! Тој е отворен за сите што сакаат да придвижат нешто. Така можеме да станеме пионери ширум светот.

Кога зборуваме за дигитализацијата, тогаш мора да ја гледаме широката слика – да ја вклучиме и вселената, бидејќи во дигиталната ера сувереноста зависи од способностите во вселената. Независен пристап до вселената, модерни сателити и мега консталации: ова не е клучно само за нашата безбедност, туку и за заштитата на климата, земјоделството и не помалку битно и за дигитализацијата, со еден збор: широкопојасен интернет ширум Европа.

Притоа, комерцијалните актери и стартапите играат сè поголема улога, тоа го гледаме во САД. Освен етаблираните играчи мора да ги поттикнуваме и ваквите иновативни претпријатија за да имаме силна, конкурентна европска астронаутика. Зашто само на овој начин ќе имаме шанса, следната фирма како Спејс-икс да биде од Европа.

Не помалку важно е што нашата голема цел - како Европска Унија да бидеме климатски неутрални до 2050 година - ни нуди огромна шанса: имено да бидеме „first mover“ (први двигатели) на ова поле што е толку клучно за иднината на човештвото. И тоа на начин што тука, во Европа, ќе развиеме технологии и ќе ги пласираме на пазарот, кои ќе бидат потребни и ќе се користат во цел свет.

Кај електрицитетот мислам на изградба на мрежна инфраструктура и таква за складирање за вистински енергетски внатрешен пазар, што Европа ќе ја снабдува со хидроенергија од север, со ветер од бреговите и со сончева енергија од југ, и во лето и во зима.

Мислам наевропска водородна мрежа што ќе ги поврзе производителите и потрошувачите и ќе предизвика европски електролитски бум. Бидејќи индустријата може да биде климатски неутрална само со водород.

Мислам на, по можност, високо застапени столбови за електрично полнење во секоја од нашите земји - и за електрични автомобили, но и за камиони.

Исто така мислам и на инвестиции во нови климатско неутрални горива за авио-сообраќајот и во потребната инфраструктура, на пример, на аеродромите - за целта за климатско неутрален воздушен сообраќај да не остане само сон, туку да стане реалност и тоа да тргне од Европа.

За оваа еколошка и дигитална трансформација на нашата економија потребни се значителни приватни инвестиции. Основата за тоа е силен и ликвиден капитален пазар на ЕУ и стабилен финансиски систем. Од тие причини, унијата на капитален пазар и унијата на банки се од централно значење за нашата идна благосостојба.

Дами и господа, сето ова се чекори кон европскиот суверенитет.

Дозволете ми да се осврнам на уште една понатамошна точка која има клучна улога за сувереноста и во поглед на војната во Истокот на Европа: во Европа ни треба подобра поврзаност на нашите напори за одбрана.

Споредено со САД, во ЕУ има многу различни системи на оружје. Тоа е неефикасно, бидејќи на тој начин нашите војници мора да тренираат на многу различни системи, а и одржувањето и поправката се поскапи и траат подолго.

По некоординираното намалување на европските армии и буџети за одбрана, сега треба да следи координирано зголемување на европските способности. Освен заедничко производство и набавка, сега е потребна уште поголема соработка меѓу нашите претпријатија за проектите за вооружување. Тоа ја прави уште понеизбежна координацијата на европско ниво.  

Од тие причини, крајно време е да има одделни средби во Брисел не само на министрите и министерките за земјоделие и животна средина. Во овие времиња потребен ни е самостоен Совет на министрите/министерките за одбрана.

За практично да ја подобриме соработката на нашите вооружени сили, веќе имаме некои инструменти. Освен на Европската одбранбена агенција и одбранбениот фонд мислам, пред сè, на соработка каква што веќе имавме во Организацијата за менаџмент на заедничките намери за вооружување. Исто како што во тоа време почнавме со слободните граници во шенген просторот, така сега оваа Организација може да стане јадрото на Европа со заедничка одбрана и вооружување.

За таа цел ќе мора да ги провериме сите наши национални ограничувања и прописи, особено во однос на користењето и  експортот на заеднички создадените системи. Тоа мора да е можно, во интерес на нашата безбедност и нашата сувереност, која зависи и од европските способности за вооружување.

НАТО останува гарант на нашата безбедност. Истовремено е точно дека секое подобрување, секое унифицирање на европските одбранбени структури во рамките на ЕУ го јакне НАТО.

Треба да извлечеме поука од случувањата во Авганистан од минатото лето. Во иднина, ЕУ ќе мора да биде во состојба да реагира брзо и ефективно. Од тие причини, Германија со другите ЕУ-партнери ќе се погрижи планираната единица за брза интервенција на ЕУ да биде способна за дејствување во 2025, и тоа да биде нејзиното јадро. За тоа е потребна јасна управувачка структура. Затоа ќе мораме да ја опремиме постојаната Командна централа на ЕУ, а среднорочно и вистински главен штаб на ЕУ со сè што е потребно, финансиски, со персонал и технички. Германија ќе ја преземе оваа одговорност, кога во 2025 г. ќе управуваме со единицата за брза интервенција.

Сепак особено во кризни времиња мораме да ги направиме пофлексибилни нашите политички процеси на одлучување. За мене тоа значи целосно да го исцрпиме постоечкиот простор за маневар во договорите на ЕУ. Да, тоа значи уште посилно да се искористи можноста, мисиите да ѝ се доделат на група на земји-членки што е подготвена за тоа, на таканаречена коалиција на земји. Тоа е поделба на работата во ЕУ во најдобра смисла.

Веќе е решено дека Германија ќе ја поддржи Литванија со бригада за брза интервенција, како и НАТО со други сили со висока подготвеност за интервенција. Словачка ја поддржуваме, меѓу другото, во воздушната одбрана. На Чешката Република и другите земји им ги компензираме со германски тенкови советските тенкови што ѝ ги даваат на Украина. Исто така се договоривме, нашите вооружени сили да соработуваат уште повеќе. И 100 милијарди евра за модернизација на сојузната армија во Германија во следните години, ќе ја засилат европската и трансатлантската безбедност.

Имаме значителна потреба од надокнадување во Европа во одбраната од заканите од воздух и од вселената. Во Германија ќе инвестираме значително во нашата воздушна одбрана во годините што следат. Сите овие способности ќе може да се искористат во рамките на НАТО. Истовремено, Германија уште од самиот почеток така ќе ја конципира оваа идна воздушна одбрана за да може нашите европски соседи да се вклучат во неа доколку сакаат, како Полска, балтичките земји, Холандија, Чешка, Словачка или нашите скандинавски партнери. Заеднички воздушен одбранбен систем во Европа не само што би бил поповолен и поефикасен отколку ако секој од нас создава своја скапа и високо комплексна воздушна одбрана; тоа би било придобивка за безбедноста на цела Европа и одличен пример за тоа што мислиме кога зборуваме за јакнење на европскиот столб на НАТО.

И третиот голем налог за дејствување што го гледам за Европа произлегува од пресвртот, тој дури оди и подалеку од тоа. Во догледно време Русија на Путин се дефинира како противничка страна на Европската Унија. Секоја неслога меѓу нас, секоја слабост ќе ја искористи Путин. Другите автократи го имитираат тоа. Сетете се само како минатата година белорускиот диктатор Лукашенко се обиде да нè стави политички под притисок со страдањето на илјадниците бегалци и мигранти од Блискиот Исток. И Кина и другите ги користат слабостите што ние Европејците им ги нудиме кога не сме сложни.

Последиците од ова за Европа може вака да се резимираат: мора да ги збиеме редовите, да ги надминеме старите конфликти и да најдеме нови решенија. Тоа звучи како да се подразбира, но всушност тука се крие многу работа. Да ги земеме за пример двете области кои минатите години ги предизвикаа најголемите тензии меѓу државите-членки, миграционата и финансиската политика.

Дека сме способни за напредок во миграционата политика, докажавме по рускиот напад врз Украина. За првпат, ЕУ ја активираше регулативата за привремена заштита. Зад овој гломазен поим за милиони Украинки и Украинци се крие парче нормалност надвор од татковината, брза, безбедна дозвола за престој, можност за работа, за одење во училиште или факултет како овој овде.

И во иднина ќе доаѓаат луѓе во Европа, без разлика дали бараат заштита од војна и прогон или во потрага по работа и подобар живот. За милиони луѓе во целиот свет Европа останува посакувана дестинација. Од една страна тоа е огромна потврда за атрактивноста на нашиот континент, од друга страна тоа е реалност со која ќе мора да се справиме ние Европејците и Европејките. Тоа значи, миграцијата однапред да ја планираме, наместо секогаш ад хок да реагираме на кризите. Тоа подразбира и да ја намалиме нерегуларната миграција и да овозможиме легална миграција, бидејќи имиграцијата ни е потребна. Моментално гледаме дека на нашите аеродроми, во нашите болници и во многу фирми, насекаде, имаме недостиг од квалификувана работна сила.

Некои точки ми се чинат централни.

Прво. Потребни ни се повеќе обврзувачки партнерства со земјите на потекло и транзит-државите и тоа на исто рамниште како еднакви партнери. Ако на работната сила ѝ понудиме повеќе легални патишта кон Европа, тогаш возвратно, во земјите на потекло, мора да расте подготвеноста да им овозможат на своите државјани без право на престој враќање во земјата.

Второ. Дел од функционалната миграциона политика е заштитата на надворешните граници, која треба да е ефикасна и да ги исполнува нашите стандарди за правна држава. Со оваа заштита се опфатени и се мисли на шенген-просторот, безграничното патување, живеењето и работата. Шенген е едно од најголемите достигнувања на Европската Унија и треба да го штитиме и надоградуваме. Дел од тоа е затворањето на постоечките празнини. Хрватска, Романија и Бугарија ги исполнуваат сите технички предуслови за целосно членство. Ќе се залагам да станат полноправни членки.

Трето. На Европа ѝ е потребен систем на азил, кој е солидарен и отпорен на кризи. Наша обврска е, на луѓето што имаат потреба од заштита да им понудиме безбеден дом. За време на француското претседателство со Советот, во последните месеци се договоривме за постепен приод. Сега треба Европскиот парламент да се изјасни околу тоа. Чешкото претседателство со Советот може да смета на нашата целосна поддршка за преговорите со Парлaментот.

Конечно, на оние кои легално престојуваат во ЕУ со право на заштита, сакаме побрзо отколку што тоа беше случај, да им ја дадеме можноста за работа во друга земја-членка за да ја искористат својата способност таму каде што се потребни. Бидејќи не сме наивни, истовремено мора да спречиме злоупотреба тогаш кога воопшто нема волја за работа. Ако успееме во тоа, тогаш слободата на движење нема да доведе до преоптоварување на социјалните системи. Тогаш трајно ќе го обезбедиме прифаќањето на оваа голема европска слобода.

Дами и господа, областа што како Европејци најмногу нè подели изминатите години освен миграцијата, е фискалната политика. Сепак, историската програма за обнова донесена во корона-кризата означува пресврт. За првпат заедно дадовме европски одговор и националните програми за инвестиции и реформи ги поддржавме со средства на ЕУ. Се согласивме заедно да инвестираме за да ги зајакнеме нашите национални економии. Впрочем, тоа ни помага и во актуелната криза.

Идеологијата отстапи пред прагматизмот. Од тоа треба да се водиме кога станува збор за прашањето како да продолжиме да ги развиваме нашите заеднички правила и по корона-кризата. Едно е јасно: на заедничкиот монетарен простор потребни му се заеднички правила, кои ќе може да се почитуваат и да се проверат. Тоа создава доверба и овозможува солидарност во итен случај. 

Кризите од минатите години ги зголемија нивоата на долгови во сите држави-членки. Од тие причини потребна ни е согласност за тоа како може да ги намалиме овие високи долгови. Овој договор мора да е обврзувачки, да овозможи пораст и да може да се комуницира политички. Истовремено, тој на сите држави-членки на ЕУ треба да им овозможи да ја спроведат трансформацијата на националните економии преку инвестиции. 

На почетокот на месецот, ние, германската Влада, ја претставивме нашата визија за понатамошниот развој на европските правила за долгови. Тие ја следат оваа логика. Сакаме отворено да зборуваме за тоа со сите наши европски партнери, без предрасуди, без подучувања, без обвинувања. Сакаме заедно да дискутираме како може да изгледаат одржливи правила по овој пресврт. Притоа станува збор за нешто фундаментално. Станува збор за тоа на граѓаните и граѓанките да им се даде сигурност дека нашата валута е сигурна и иреверзибилна, дека може да се потпрат на нашата држава и на Европската Унија и во кризни времиња.

Еден од најдобрите примери како тоа ни успеа во изминатите години е европската програма за скратено работно време. Ја воведовме во корона-кризата, за да обезбедиме скратено работно време. Преку 30 милиони граѓани и граѓанки ширум ЕУ профитираа од неа, секој седми вработен/секоја седма вработена, кои инаку можеби би останале на улица. Истовремено, со овој поттик на европско ниво ни успеа речиси на целата територија во Европа да го воведеме успешниот модел на скратено работно време. Резултатот од тоа се силен пазар на трудот и поздрави фирми во цела Европа. Така си ги замислувам прагматичните решенија во Европа и во иднина.

Пресврт - за европската политика тоа мора да значи градење на мостови наместо создавање на јазови. Граѓаните и граѓанките очекуваат Европска Унија што испорачува. Резултатот од конференцијата за иднината јасно го покажува тоа. Граѓаните и граѓанките очекуваат сосема конкретни нешта од ЕУ, на пример побрзо темпо во заштита на климата, здрава храна, одржливи ланци на испорака или, пак, подобра заштита на работниците. Накратко тие очекуваат „солидарност на дело“, за која уште во 1950 година се зборуваше во изјавата на Шуман. На нас е секогаш одново да се постави оваа солидарност на дело и да се прилагоди на предизвиците на актуелното време.

Во основачките децении на обединета Европа тоа значеше, пред сè, преку потесна економска интеграција да се оневозможи војна меѓу членките. Тој успех е историска заслуга на нашата Унија. Во меѓувреме, од мировниот проект се создаде европски проект на слобода и правда. Тоа пак им го должиме, пред сè, на земјите кои подоцна се приклучија кон нашата заедница, на Шпанците, Грците и Португалците, кои по децении на диктатура се свртеа кон Европа на слободата и демократијата, како и на граѓаните и граѓанките од Средна и Источна Европа, кои со својата борба за слобода, човекови права и правда ја надминаа Студената војна. Меѓу нив беа многу храбри студенти и студентки од овој универзитет, кои во една темна ноемвриска вечер во 1989 г. толку гласно извикуваа слобода што од тоа се роди револуција. Оваа Кадифена револуција беше среќна околност за Европа.

Мир и слобода, демократија и владеење на правото, човекови права и човеково достоинство, овие вредности на Европската Унија се нашето заеднички стекнато наследство. Особено сега, во поглед на обновената закана за слободата, плурализмот и демократијата што ги доживуваме на Исток на нашиот континент, ја чувствуваме оваа врска особено силно. 

 „Државите се одржуваат од идеалите од кои настанале.“ Оваа реченица ја кажал еден од најславните професори на овој универзитет, Томаш Масарик, кој подоцна стана претседател на Чехословачка. Оваа реченица важи за државите, но и за заедницата на вредности ЕУ. Бидејќи вредностите се конститутивни за нејзиното одржување, кога овие вредности ќе бидат повредени, надвор од Европа, а уште повеќе кога тоа се случува внатре во неа, тогаш сме погодени и ние. Ова е четвртата мисла што сакам да ја споделам денес со Вас.

Затоа нè загрижува кога во центарот на Европа се зборува за илиберална демократија, како тоа да не е противречност сама по себе. Затоа не смееме да прифатиме кога се повредуваат принципите на правната држава и се намалува демократската контрола. Да биде јасно: не смее да има толеранција за расизмот и антисемитизмот во Европа. Од тие причини ја поддржуваме Комисијата во нејзината заложба за владеење на правото. И Европскиот парламент ја следи темата со големо внимание. Благодарен сум за тоа.

Не треба да се плашиме да ги искористиме сите расположливи можности за да ги намалиме дефицитите. Анкетите покажуваат дека секаде, впрочем и во Унгарија и во Полска, големо мнозинство од граѓаните и граѓанките посакуваат дури посилен ангажман на ЕУ за слободата и демократијата во нивните земји. Според член 7, постапката за владеење на правото е една од овие можности. Мора да се ослободиме од можностите за блокада и во оваа сфера. Сметам дека има смисла, консеквентно да ги поврземе плаќањата со придржувањето на стандардите за владеење на правото, како што го направивме тоа со финансиската рамка 2021 - 2027 год. и Фондот за повторна изградба во корона кризата. На Комисијата треба да ѝ отвориме нов пат, да отвора постапки за повреда на договорот кога ќе се повреди нашата срж, нашите основни вредности што се запишани во Договорот на ЕУ: човеково достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и зачувување на човековите права.

Истовремено посакувам во однос на владеење на правото да не мора да одиме пред суд, бидејќи покрај сите постапки и санкции, потребен ни е, пред сè, отворен дијалог на политичко ниво за дефицитите што постојат во сите земји. Добра основа за тоа е извештајот за владеење на правото на Комисијата со неговите препораки специфични за земјите. Спроведувањето на овие препораки ќе го придружуваме политички и ќе ги сработиме нашите сопствени домашни задачи. Бидејќи владеењето на правото е основна вредност што треба да ја обединува нашата Унија. Тоа е поважно од кога и да е токму во овие времиња во кои автократијата ги предизвикува нашите вредности.

Дами и господа, веќе ги спомнав храбрите студенти и студентки на овој Универзитет, кои вечерта на 17 ноември 1989 ја започнаа Кадифената револуција. На универзитетскиот кампус, на улицата Албертов каде што почна нивниот протест, стои бронзена плакета што денес потсетува на тоа. Две реченици се испишани на неа, се надевам дека правилно ги изговарам: “Kdy, když ne teď? Kdo   když ne my? - Кога, ако не сега? Кој, ако не ние? Од овде, од Прага, сакам да им ги довикнам овие две реченици денес на сите Европејци и Европејки, на оние кои веќе живеат во нашата Унија и на оние што се надевам дека наскоро ќе ни се приклучат. Сакам да им ги довикнам на политички одговорните лица, на моите колеги и колешки со кои секојдневно бараме решенија во Брисел, Стразбур или во нашите главни градови. Станува збор за нашата иднина што се вика Европа. Оваа Европа денес е исправена пред предизвици како никогаш досега.

Кога ќе ги поставиме темелите на проширената Унија на слободата, безбедноста и демократијата ако не сега, кога Русија се обидува да ја помести границата меѓу слободата и автократијата? Кога, ако не сега, ќе создадеме суверена Европа што може да опстои во еден мултиполарен свет? Кога, ако не сега, ќе ги надминеме разликите што нè парализираат и разединуваат со години? Кој, ако не ние, би можел да ги штити и брани вредностите на Европа, на внатрешен и надворешен план?

Европа е нашата иднина, а оваа иднина е во нашите раце.

Благодарам.